Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Казахстан, во натпревар од квалификациите за Светското првенство.
По ремито на гостувањето кај Белгија, избраниците на селекторот Благоја Милевски имаат цел да го продолжат позитивниот резултатски ритам и пред домашната публика да освојат нови три бода.
„Ќе биде многу тешко. Казахстан на првиот меч во Астана покажа дека има квалитет. Сега има и нов селектор и нова филозофија, но ние сме подготвени“, изјави Милевски.
Селекторот додаде дека тимот нема проблем со физичката подготвеност, и покрај исцрпувачкиот меч во Гент.
„Имавме тежок натпревар против Белгија, но сите играчи се подготвени да го дадат максимумот“, рече тој.
Херојот на ремито со Белгија, голманот Столе Димитриевски, очекува полни трибини и силна поддршка од навивачите.
„Нашата цел е да излеземе и да победиме. Очекувам голема поддршка од публиката и се надевам дека ќе биде во голем број на стадионот за да ни даде дополнителна енергија. Секако дека постои разлика меѓу Белгија и Казахстан, но тоа не значи дека ќе биде лесно. Со помош на навивачите верувам дека ќе стигнеме до победа“, изјави Димитриевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Казахстан ќе се одигра утре со почеток во 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје.