За време на претседателствувањето со Советот за безбедност на Обединетите нации, Русија ќе води дискусии за ситуацијата на Блискиот Исток, Балканот и бројни други настани, изјави претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
Таа нагласи, како што објавија руските медиуми, дека Москва ќе промовира конструктивна и обединувачка агенда дури и во сегашните предизвикувачки околности.
„Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и одговорен учесник во меѓународната заедница, традиционално ќе вложи максимални напори за да обезбеди непречено и ефикасно работење на Советот за безбедност на ОН. Ние сме посветени на унапредување на конструктивна, обединувачка агенда и охрабрување на нашите колеги да најдат заеднички јазик, внимателно разгледувајќи ги пристапите на сите заинтересирани земји, без разлика колку е тешко во моментов“, рече Захарова.
Таа потсети дека на 1 октомври Русија го презеде претседателството со Советот за безбедност на ОН за еден месец, кое „ја носи примарната одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност“.
Според неа, во октомври ќе се одржат два централни настани.
„Првата отворена дебата е за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и палестинското прашање“, рече Захарова, прецизирајќи дека дискусијата ќе се одржи на 23 октомври и дека „ќе продолжат низа тематски меѓународни дебати, вклучително и прашањето за промовирање на решение за две држави за палестинско-израелскиот конфликт“.
Друг клучен настан е планиран за 24 октомври – Денот на Обединетите нации, кога се очекува дебатата „Поглед кон иднината“.