Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вчера ја посети општина Гази Баба, каде оствари средба со граѓаните. Разговорите беа насочени кон секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите пред сè, алармантната состојба со дивите депонии, еколошките закани и целосната институционална негрижа.
– Жителите на Гази Баба со години живеат опкружени со ѓубре, неплански депонии и токсични пожари. Тоа не е судбина, тоа е резултат на неспособна и незаинтересирана власт. Вардариште е само најгласниот симбол на оваа четиригодишна рамнодушност на ВМРО-ДПМНЕ кон животната средина и здравјето на граѓаните, изјави Шукова.
Веќе четири години, над 150.000 скопјани живеат во сенката на Вардариште што секојдневно загадува, труе и претставува реален ризик по јавното здравје. Наместо решение, граѓаните добиваат молк, занемарување и институционално криење зад политички интереси.
„Ова не е само пропуштена обврска. Ова е криминално запоставување на јавното здравје. Но, решение постои. Не е популизам, туку структуриран план, со експертска поддршка и европски стандарди“, им објасни Шукова на граѓаните, најавувајќи конкретни чекори:
Итно оградување и физичко обезбедување на Вардариште, 24-часовен надзор и пристап само за овластени служби. Како долгорочни решенија Шукова, најави селекција, преработка и пренос на отпадот до Дрисла, со нула загадување на воздух, почва и подземни води Вардариште е обврска на Град Скопје, објасни Шукова. Според Законот за управување со отпад, локалната самоуправа е должна да обезбеди чистота, третман на отпад, отстранување на депонии и регионална соработка, обврски кои четири години се игнорираат.
Шукова нагласи дека не се работи за политички поени, туку за суштински план како Скопје да стане модерен, зелен град, каде здравјето и квалитетот на живот ќе бидат приоритет, а не колатерална штета на неспособноста.
„Скопје мора да се врати на патот на европските вредности и зелена трансформација. Ова не се ветувања за кампања ова се конкретни решенија подготвени да се спроведат од првиот ден,“ рече Шукова.