(ВИДЕО) Голема закана: Повторно дронови над воените бази во Данска

Од:

Данските вооружени сили објавија дека синоќа повторно забележале присуство на дронови над нивните објекти, објавува данската јавна телевизија ТВ2.

Во кратко соопштение се наведува дека „вклучени се дополнителни капацитети“ поради оваа причина, но не е прецизирано на кои локации се видени дроновите или колку дронови биле вклучени. ТВ2 контактираше со данските вооружени сили, но тие не сакаа дополнително да ги објаснат овие инциденти.

Втор ден по ред се видени дронови над воените бази во Данска. Полицијата вчера потврди дека неидентификувани летала прелетале над воздухопловната станица Каруп во петокот вечерта, а одбранбените сили подоцна потврдија дека дронови биле забележани на неколку нивни локации.

Порано оваа недела, слични инциденти беа пријавени и во други воени објекти, вклучувајќи ја воздухопловната база Скридструп и касарната Холстебро.

Според извештајот на воениот дописник на ТВ2, Андерс Ломхолт, инцидентите со дронови над данските воени области во последните денови наликуваат на „системска акција“.

„Оваа акција веројатно беше дизајнирана да ја соголи данската одбрана и да покаже дека не сме во можност да се спротивставиме на заканите“, рече Ломхолт. Тој додаде дека тоа е „една од најтоксичните работи за вооружените сили“ кои ја сметаат својата моќ на одвраќање за клучна.

„Нема многу одвраќање кога дозволувате беспилотни летала да летаат над нашите најчувствителни области во Данска“, истакна тој.

Пред самитот на шефовите на држави и влади, кој ќе се одржи во Копенхаген од утре до 2 октомври, НАТО го испрати германскиот воен брод FGS Hamburg во данската престолнина за да го зајакне надзорот во Балтичкото Море, потврди за TV2 командантот Арло Абрахамсон, портпарол на Поморската команда на НАТО (MARCOM).

„Присуството на FGS Hamburg во близина на Данска испраќа јасен сигнал за безбедноста и единството на Алијансата“, рече Абрахамсон. Бродот денес вплови во Копенхаген и ќе остане во и околу данската престолнина за време на самитот.

Данскиот министер за транспорт Томас Даниелсен изјави за TV2 дека воздушниот простор над цела Данска ќе биде затворен за цивилни беспилотни летала од понеделник до петок следната недела.

Ова се презема како дел од одржувањето на два европски самити во Копенхаген со лидери од цела Европа. „На овој начин, го елиминираме ризикот непријателските беспилотни летала да бидат погрешно протолкувани со легални и обратно“, рече Даниелсен во соопштението.

Би можело да ве интересира

Русите ја погодија полската амбасада во Киев

Кошмарно утро во Киев: Русија изврши еден од најголемите напади врз главниот град на Украина

По 10 години, ОН повторно воведе сеопфатни санкции врз Иран

ВИДЕО: Стампедо предизвика индискиот актер и политичар, најмалку 36 мртви

Непознати дронови се забележани над Германија: Властите истражуваат дали станува збор за шпионажа

Горан Наумовски

Катастрофа во Русија: Воз излезе од шините, изби голем пожар – густ црн чад над областа