Во издание на „Диван“ излезе од печат новата книга на м-р Авдулах Рамчиловиќ со наслов “Ima vremena” (Има време). Станува збор за девето издание на плодниот автор, досега најмногу препознатлив по поезијата, кој во ова дело нуди синтеза на својот книжевен опус – есеи, рецензии, осврти, колумни, коментари и песни.
Книгата е отпечатена во тираж од 300 примероци. На 350 страници донесува разновидни жанровски форми, вклучувајќи и осврти од други автори. Дизајнот на кориците е дело на Зорица Тијаниќ, за издавач се потпишува Сафета Цуцак, а рецензент и уредник е проф. Д-р Зеќир Рамчиловиќ.
Авторот во воведниот текст нагласува дека сакал да им понуди на читателите целосен увид во своето повеќедецениско творештво. Тој особено истакнува дека најголемата награда за секој писател е читателското прифаќање: „Читателите го создаваат поетот, книжевникот, писателот, уметникот, бидејќи творештвото, пред сè, е наменето за читателската публика. Ако го читаат и прифаќаат, тоа е најголемата награда за авторот“, запишал м-р Авдулах Рамчиловиќ.
Рецензентот проф. Д-р Зеќир Рамчиловиќ ја оценува книгата како „револуционерна промена“ во однос на досегашниот опус, бидејќи обединува различни книжевни форми и претставува спој на авторско и колективно творештво. „Пред нас е дело кое се чита како целина во која ништо не недостасува, а сè има свое место и функција“, наведува тој, нагласувајќи дека авторовата книжевна особеност ја сочинуваат „благородноста, добрината и позитивната енергија“.
Книгата „Има време“ носи единствен спој на жанрови и претставува вреден придонес за современата балканска и регионална книжевност. Како што заклучува рецензентот, станува збор за дело кое „дише заедно како едно“, нудејќи им на читателите богата и разновидна содржина.