Денес ја формализираме коалицијата „Твоја Македонија“ која заеднички ќе настапи на овие локални избори. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата коалиција која е составена од XXV партии кои се од различен карактер и во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество, различни структури и припадности што само потврдува дека се обединуваме околу заедничка платформа што подразбира обезбедување на иднина и напредок, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Притоа тој наглси:
„Овие локални избори се важни за нас и иднината на државата поради најмалку две причини. Првата е што локалните самоуправи директно се надлежни да ги решаваат проблемите на граѓаните и не е сеедно каков градоначалник ќе се избере. А ние во изминатиов период покажавме и докажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа, дополнително што во наредните 4 години сите општини ќе ја имаат и поддршката од централната власт, нешто што и го докажавме и покажавме во претходната година и половина.
Втората причина е што овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за твоето место, твојата општина да се избере твојот човек кој ќе се бори за секој еден човек во општеството. Тој човек мора да ги брани интересите на граѓаните и да решава проблеми. Затоа ќе излеземе со понуда и со луѓе кои ќе бидат гласот на народот во администрацијата и општините ќе работат за граѓаните.
Уверени сме дека силата на државата не се мери само преку нејзините институции на централно ниво, туку преку секојдневниот живот во градовите и селата, во општините каде што граѓаните ги остваруваат своите права и ги живеат своите соништа. Решени сме да изградиме општини кои ќе бидат пример за демократско управување, економска ефикасност, културна афирмација и меѓусебна почит.
Затоа и денес убедени сме дека визијата за „Твоја Македонија“ е визија за силни граѓани, силни општини и силна држава. Лидерите на политичките партии од Коалицијата „Твоја Македонија“, усвоивме и ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА НА ГРАЃАНИТЕ И ЗА ОПШТИНИ ШТО СОЗДАВААТ ИДНИНА. Верувајќи дека инфраструктурата е основа за развојот на секоја заедница, ние се обврзуваме да вложиме во изградба и реконструкција на патишта, мостови, водоводи, канализациони системи, училишта, спортски сали и културни домови. Ќе поттикнуваме политики кои ќе создадат нови работни места и ќе го зајакнат чувството на економска сигурност во секоја општина.
Ќе се залагаме за подобрување на примарната здравствена заштита преку модернизација на амбуланти, подобра опрема на здравствените домови и олеснет пристап до лекарски услуги, посебно фокус ќе имаат руралните средини. Образованието ќе биде клучен инструмент за изградба на генерации кои ќе ја носат Македонија напред со знаење, вредности и одговорност. Младите се најголемиот капитал на нашата земја, ќе креираме политики што ќе им овозможат квалитетно образование, можности за спорт и култура и пристојни услови за вработување. Ќе создадеме амбиент за нивен опстанок во своите општини, за да ја градат својата иднина овде, дома, во својата татковина Македонија. Верувајќи дека животната средина е наследство за идните генерации, ќе се бориме за чист воздух, управување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата. Ќе ги втемелиме зелените политики во секоја општина, за здравје и поквалитетен живот на граѓаните. Со верба во својата држава и во својот народ, со љубов кон местото каде што живееме и со доверба во заедничката иднина, ние ја потврдуваме нашата решеност да изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава. Држава во која секој граѓанин ќе се чувствува почитуван и сигурен, во која општините ќе бидат двигатели на развојот, а целата заедница ќе живее во склад, достоинство и надеж. Нашата мисија е генерациите што доаѓаат да ја наследат Македонија посилна, побогата и постабилна од тоа што ние го затекнавме: Македонија која е дом и иднина за сите нејзини граѓани.
Заедно ќе го направиме вистинскиот избор за доброто на сите граѓани. Ова се избори за тоа каква иднина ќе имаме“.