Владата на Грузија ѝ додели на националната кошаркарска репрезентација, која влезе во историјата на грузиската кошарка со пласманот во четвртфиналето на Европското првенство, посебен бонус во износ од три милиони лари, односно 948.000 евра.
Веста за одлуката на владата да ги награди кошаркарите ја објави грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе, пренесува полската агенција ПАП.
– Станува збор за историскиот успех на нашите кошаркари. Затоа сакаме да го одбележиме со соодветна финансиска награда од владата. Веруваме дека за овој успех треба да се доделат три милиони лари, а ние ќе доделиме ист износ за секоја следна победа на Европското првенство – рече Кобахиѕе на состанокот на кабинетот.
Во осминафиналето во Рига, Грузија го победи еден од главните фаворити за највисок пласман и второпласирани од последното првенство, француската репрезентација, со резултат 80:70.
Кошаркарот на Барселона, Торника Шенгелија, беше најефикасен на натпреварот со 24 постигнати поени.
Грузија за првпат ќе игра во четвртфиналето на Евробаскетот.
Нејзин противник ќе биде селекцијата на Финска, која сензационално ја елиминираше Србија.
Дуелот за полуфиналето меѓу овие две селекции е закажан за среда.