Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, во врска со синоќешните немири во Нови Сад, го осуди секој облик на насилство и вандализам и го пофали однесувањето на полицијата, која, како што рече, спречила последиците од нападот да станат уште поголеми.
„Во врска со бруталниот напад врз припадници на Министерството за внатрешни работи пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, премиерот на Република Србија, проф. д-р Ѓуро Мацут, најостро го осудува секој облик на насилство и вандализам кој е, по сите свои карактеристики, ултралевичарски и анархистички“, соопшти Владата на Србија во врска со синоќешните немири во Нови Сад.
Премиерот, според соопштението, изјавил дека е особено скандалозно што зградата на Филозофскиот факултет, која беше обезбедувана од полиција, беше запалена за време на нападот, во време, како што рече, кога внатре имало луѓе, нагласувајќи дека ова е неприфатливо и дека ваков вандализам врз академска институција не е забележан во српската историја.
Мацут го пофали професионалното однесување на полицијата, која, според српската Влада, и покрај исклучително тешките околности, покажала храброст, смиреност и одговорност, спречувајќи последиците од нападот да станат уште поголеми.
„Ваквите дејствија не само што ги загрозуваат животите и безбедноста на нашите граѓани, туку и дополнително ја продлабочуваат кризата во која се наоѓа земјата во последните десет месеци. Србија може да напредува само преку дијалог, разговори и во мир. Тоа е единствениот начин да се смират тензиите во општеството и да се изгради атмосфера на доверба и стабилност“, рече српскиот премиер.
Мацут нагласи дека таквото однесување предизвикува огромна штета не само на економијата, туку има и длабоки последици за општеството како целина.
„Денес, повеќе од кога било, ни се потребни мир и стабилност, бидејќи само на овој начин можеме да создадеме здраво општество кое има јасна перспектива и иднина“, додаде премиерот.