Гоговска Јакимовска за аферата „Онкологија“: Медицинските вештачења сметаме дека се апсолутно беспредметни

Од:

Приговорите на одбраната за медицинските вештачења сметаме дека се апсолутно беспредметни и очекуваме таква да биде и одлуката на Судот, изјави јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Онкологија“.

Адвокатите на обвинетите лекари во случајот, од друга страна, реагираа на обвинението, оценувајќи го како неосновано, со сериозни материјални и процесни недостатоци.

Гоговска Јакимовска, во изјава за медиумите пред Кривичен по одложувањето на денешното рочиште поради отсуство на една од обвинетите, во однос на наводите од одбраната со кои се спори вештачењето од Словенија, дека вештакот не бил ставен во регистарот на вештаци, рече дека тоа се процедури на државите до кои е доставена замолницата.

-Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доверба во државите кон кои сме ја доставиле таа замолница дека доказите се прибавени на законит начин. Така што наводите на одбраната се беспредметни, изјави Гоговска Јакимовска.

Прашана дали се пријавиле за сведоци дел од оштетените пациенти, Гоговска Јакимовска, рече дека дел од нив дошле во Обвинителството, додека дел не можеле да ги обезбедат, и останува на Судот да ги обезбеди.

Адвокатите на обвинетите лекари во случајот најавуваат дека ќе го дискредитираат обвинението со сопствени вештачења и докази.

Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетата Симонида Црвенковска, изјави дека не постојат елементи за кривична одговорност кај неговата клиентка.

-Под удар на казненото право се само оние постапки кои претставуваат грубо повредување на медицинските правила и сериозно отстапување од протоколите за лекување. Тоа не е случај со обвинетата Црвенковска, ниту пак може да се заклучи такво нешто дури и од вештачењата, кои сами по себе се проблематични и по содржина и по процесен карактер. Обвинението наведува дека нејзиниот начин на лекување не влијаел и не придонел за влошување на здравствената состојба на пациентот, која подоцна довела до смрт – што всушност е и суштината на самото обвинение, рече тој.

Туфегџиќ додаде дека одбраната активно работи на прибирање на докази и дека денеска побарале комплетирање на доказниот материјал.

-Ќе го дискредитираеме обвинението со наши вешти наоди и мислења. Затоа побаравме комплетирање на доказите – недостигаат историите за четири пациенти, што е клучно за нашата анализа. Дополнително, вештачењето од Марибор е изготвено од лице кое не е евидентирано на листата на вешти лица во Словенија, што го прави неговото мислење спорно, дополни тој.

Сличен став изрази и Јовица Страшевски, бранител на обвинетата Мери Пешева. Тој го оспори квалитетот на вештачењето и истакна дека неговата клиентка не направила никаков пропуст.

-Тоа вештачење е полно со пропусти. Вештакот немал пристап до сите податоци за пациентите, што резултира со непотполна и неточна анализа. За второобвинетата Мери Пешева, можам со сигурност да кажам дека во текот на целата истрага доставивме стотици страници со медицински протоколи, извештаи и вештачења. Од ниту еден од тие документи не произлегува доказ дека таа направила каков било пропуст, рече тој.

Страшевски посочи и на можни злоупотреби во Клиниката.

-Поранешниот директор Никола Васев, не само што користел логови и печати од други лекари, туку и ставал свои печати на документи од други доктори. Нејасно е зошто од целата клиника се избрани само тројца лекари против кои е покренато обвинение. Очигледно е дека нивните печати и логови се злоупотребени, посочи тој.

Судскиот процес против четворица лекари онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за несовесно лекување на пациенти, во предметот „Онкологија“, денеска се одложи за 5 септември поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска. На обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје седнаа првообвинетиот Васев и двајца обвинети онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.

Според обвинението, првообвинетиот, Васев како директор на Клиниката, во соизвршителство со друг лекар на истот оддел, се товари дека извршил продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни“. Другите двајца лекари се товарат за основното кривично дело „несовесно лекување болни“, сторено како продолжено кривично дело.

Би можело да ве интересира

Обвинетата Мери Пешевска не дојде на судење, се одложи првото рочиште за аферата „Онкологија“

Горан Наумовски

Два онколошки лекови префрлени од болничка во примарна позитивна листа

Апелација ги уважи жалбите на Обвинителство и им определи ефективен 30 дневен притвор на двајцата поранешни директори на Онкологија

Обвинетиот Васев за случајот „Онкологија“ бара да се брани од слобода, обвинителката Фатиме Фетаи вели „притворот“

Горан Наумовски

Кривичен одлучи: Се одобрува обвинението за аферата „Онкологија“

Горан Наумовски

Филипче за случајот „Онкологија“: На виделина ќе излезе една лажна кампања којашто ВМРО ДПМНЕ ја организираше против мене лично