Додека директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски држи празни прес-конференции за наводните контроли на неговата институција, Левица објавува докази како само 2 месеци после трагедијата со Кочани, пазарниот инспекторат при вршење надзор не постапил законски и дозволил авто-кампот „Крани“ да продолжи да работи без дозвола, велат од Левица.
„Левица претходно објави дека овој автокамп е криминално присвоен од компанијата „Агроплод Ресен” и истиот формално-правно не постои, односно не е категоризиран согласно Законот за автокампови и нема дозвола за работа. Во одговор на Пазарниот инспекторат, наведено е дека на 15 април пазарен инспектор извршил надзор во овој автокамп, при што констатирал дека автокампот Крани не ги исполнува санитарно-здравствените услови, условите за заштита при работа, условите за противпожарна заштита, како и дека истиот не е категоризиран, односно работи без дозвола за работа.
Но, наместо пазарниот инспектор веднаш да го затвори авто-кампот и да иницира постапка против правниот субјект кој незаконски узурпира и стопанисува со државен имот, инспекторот изрекол само опомена со временски период да ги отстрани неправилностите?!
Пазарниот инспектор бил должен да знае дека се работи за авто-камп во сопственост на Репубика Македонија, со кој криминално стопанисува „Агроплод Ресен”, на кој уште во 2004 година и е одземена концесијата за овој авто-камп и оваа компанија нема никаков правен основ за да работи со автокамп Крани, туку истата треба да биде под кривична истрага за узурпација на државен имот.
За овој непобитен факт, Левица објавува уште еден доказ, односно одговор од Државното правобранителство, во кое јасно стои дека предметниот автокамп формално-правно не постои и истиот е во неспорна државна сопственост. Моментално, компанијата „Агроплод Ресен” незаконски и криминално го има издадено автокампот за работа на правното лице „ИМПЕРИУМ-ПЕТ” ДООЕЛ Скопје, каде управител е Александар Петковски. Се работи за сериозен криминал под заштита на институциите, каде годишно незаконскиот управител остварува чист профит и до 160.000 евра.
Левица алармира дека при ваквиот сериозен криминал не е во прашање само финансиската корист која се остварува криминално, туку и незаконското работење без дозвола за работа ни дава сериозна загриженост после трагедијата со дискотеката „Пулс”, каде токму непостапувањето на пазарните инспектори (кои дозволија да работи без лиценца), за жал резултираше со 63 трагично изгубени животи.
Јавно прашуваме – дали власта и премиерот Мицкоски го штитат од кривичен прогон нивниот директор на Државниот пазарен инспекторат за трагедијата со Кочани затоа што Влатко Стојкоски продолжува да не постапува против локални моќници и нивниот криминал, велат од партијата.