Австралиската авиокомпанија „Квантас“ потврди дека била погодена од сајбер напад во кој хакерите пристапиле до личните податоци на околу шест милиони нејзини клиенти, додавајќи дека системот оттогаш е ставен под контрола.
Хакерите нападнале кол-центар и добиле пристап до платформа за поддршка на клиенти од трета страна која содржи шест милиони имиња, е-адреси, телефонски броеви, датуми на раѓање и други лични податоци на клиентите на услугите на компанијата, соопшти денес „Квантас“.
Авиокомпанијата не ја прецизираше локацијата на кол-центарот или клиентите чии податоци биле компромитирани.
„Продолжуваме да го истражуваме обемот на украдените податоци, иако очекуваме дека ќе бидат значителни“, соопшти „Квантас“.
Компанијата нагласи дека „податоците за кредитната картичка, личните финансиски информации и податоците за патните документи не се чуваат во овој систем“.
Во соопштението се наведува и дека инцидентот не влијае на безбедноста на работењето на компанијата и дека тесно соработува со австралиските власти за да ги идентификува сторителите на овој напад, соопшти агенцијата.