Суд во Бристол денес го осуди 92-годишниот Рајланд Хедли за силување и убиство на 75-годишната Луиза Дан во нејзиниот дом во јуни далечната 1967 година.
Најновата ДНК технологија, како и отпечатоците од дланки земени на местото на настанот пред 58 години, доведоа до апсење, а поротата го прогласи Хедли за виновен по двете точки на обвинението во најдолгиот нерешен случај во Велика Британија што завршил на суд.
Кон крајот на јуни 1967 година, соседите забележале дека Луиза Дан, родена во 1892 година, не стоела на својот праг како и обично, и ја пронашле мртва во нејзиниот дом во областа Истон во Бристол.
Полициската истрага во тоа време пронајде траги од сперма на телото на жртвата и на здолништето што го носела, но ова беше околу 20 години пред технологијата за ДНК тестирање.
– Повеќе од 19.000 отпечатоци од дланки беа земени од мажи и момчиња во областа на Бристол и пошироко. Посетени беа повеќе од 8.000 куќи и земени беа неколку илјади изјави – рече полицаец во Бристол.
Хедли, кој во тоа време имаше 34 години, живееше во непосредна близина на кругот куќи каде што беа земени отпечатоците од прсти.
Инспекторот Дејв Маршант, од полицијата во Ејвон и Сомерсет, рече дека силите низ целата земја истражуваат дали Хедли може да биде поврзан со други нерешени злосторства.
– Оваа истрага беше мешавина од нови и стари форензички техники – ДНК е најновата и најдобрата… но ние бевме во можност да го користиме тој оригинален истражен материјал – рече тој.