Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи – изјави бугарскиот претседател Румен Радев, одговарајќи на новинарско прашање дали Бугарија има цврста гаранција дека нема повеќе да има никакви условувања доколку Бугарите влезат во Уставот на Македонија.
– Ние сакаме час поскоро се што стои во тие документи да се запази. Тоа што сакаме да го видиме е навистина запазување на човековите права. Станува збор за човекови права, чекаме трета година да се отвори процесот на присоединување и да почнат преговори со Северна Македонија и со промени во Уставот. Моето прашање е зошто тоа не се случува, изјави Радев.
Тој упати порака дека не станува збор за вето или успорување на процесот од соседна земја.
– Зборуваме за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото. Уште еднаш сакам да ве уверам дека Бугарија како најблиска пријателска земја има желба, е подготвена и пружа рака да биде од помош за да може вашето раководство во државата и општеството со забрзан чекор да ги примени и спроведи Копенхашките критериуми. Тоа сето е насочено кон иста цел сите земји да се приклучат и да станат членки, истакна Радев.