„Најавата дека Владата планира да го отстапи одморалиштето „Пониква“ како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во Кочани отвора сериозни прашања околу професионалноста, одговорноста и капацитетите на институциите. Наместо да биде акт на грижа, оваа одлука изгледа како импровизација на сметка на здравјето на веќе трауматизирани и повредени граѓани“ рече денеска на прес-конференција д-р Елена Радевска, член на Комисија за здравство на СДСМ.
Таа праша „Дали „Пониква“ е навистина погодна за медицинска нега? Одморалиштето „Пониква“ е објект стар повеќе децении, наменет за одмор и рекреација, а не за медицински третман. Дали воопшто е проценето дали објектот ги исполнува техничко-технолошките стандарди, хигиенските и стерилни услови кои се минимално потребни за лекување на лица со изгореници и психо-физички трауми? Зошто се игнорираат постојните специјализирани капацитети?“.
Радевска порача дека „Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага? Дали е ова одговорно институционално решение или само евтин пи-ар?“.
„Наместо власта да се фали со нешто што не е за фалање треба да објави:
• Дали објектот е прегледан и одобрен од Државниот здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и стручен медицински тим?
• Кој ќе гарантира дека условите во „Пониква“ не се опасни по здравјето на пациентите?
• Каков персонал ќе работи таму? Има ли стручни медицински лица, Доктори, физиотерапевти, психолози кој би се нафатиле да работат во супстандардни услови?
Човечкото достоинство и грижата за повредените не е и не смее да биде компромисна категорија“ рече Радевска.
Смета дека „повредените во пожарот во Кочани не се бројки во извештаи, туку луѓе на кои им е потребна вистинска, стручно водена и квалитетна медицинска грижа. Затоа, заслужуваат рехабилитација во современи, професионални и безбедни услови – а не сместување во објект чија намена, состојба и безбедносни стандарди се сомнителни“.