Претседателката на Косово – Вјоса Османи доби смртни закани, изјави нејзиниот советник за медиуми – Беким Купина.
Во соопштението за медиумите тој рече дека „овонеделната закана е продолжение на тековните закани по животот на претседателот Османа“.
Купина ги критикуваше правосудните органи за нивното „непостапување“ во овие случаи.
„И покрај десетици закани – повеќето од нив по живот – со години не е преземена никаква акција против сторителите“, рече тој.
Купина рече дека „во најголем број случаи“ се упатуваат закани со „име, презиме и препознатливи профили“, но не соопшти повеќе детали за заканите и сторителите.
„Некои закани беа упатени дури и во телевизиски емисии, но и тогаш немаше акција за да се повикаат на одговорност креаторите на заканите“, нагласи тој.
Според него, случајот „последователни закани по животот на претседателката и нејзиното семејство е единствениот во историјата на институциите, како што рекоа од безбедносните институции, во кој никој од креаторите на заканите не излегол пред лицето на правдата“.
„Оваа опасна клима ги охрабрува другите да го следат истиот модел: поттикнување на насилство, повици за физичка елиминација и целосно непочитување на уставниот поредок“, додаде тој.