Последната предлог-верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минерални суровини во Македонија (2025–2045), изработена од најплатената високообразовна институција – МАНУ, во делот што се однесува на металичните суровини, со право можам да ја наречам „бандитска“, пишува во својата последна колумна Виктор Грозданов, аналитичар и металуршки инженер.
„МАНУ во својата стратегија под раководство на академик Блажо Боев, без грам срам или етичка одговорност, наведува дека во Македонија постојат соодветни резерви на бакар, злато, сребро, железо, олово и цинк – но не кажува каде, во какви количини, која е нивната економска исплатливост, ниту нивната моментална или идна пазарна вредност. Во стратегијата дури е објавена и мапа со локации – кои може да се видат само под микроскоп“, вели Грозданов.
Грозданов наведува неколку примери од стратегијата кои според него се пример за несериозноста на изработената Стратегија
„Примери од стратегијата: 76.157.511 тони злато и бакар – каде? Не се знае. Колку од тоа е злато, а колку бакар? Не се знае. 64.291.341 тони бакар – каде? Не се знае. 23.911.161 тони злато, сребро и бакар – каде? Не се знае. 18.914.768 тони олово и цинк – каде? Не се знае. 4.368.245 тони железна руда – каде? Не се знае. И на крај: 252.522 тони мешани руди – пак: не се знае каде и каква е економската вредност“, пишува Грозданов.
Поради ова, како што наведува, ја повикува и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска да ја одбие Стратегијата