Поранешниот британски премиер Тони Блер побара од Германија да го спаси еврото и да го подели товарот од мерките за решавање на долгата криза во еврозоната, со земји како Грција.
Според Блер, цената за спасување на еврозоната секојдневно расте, па затоа и се налага потребата од брза и енергична интервенција.
На Европската Унија и се потребни мерки за економски раст и за придвижување на економијата, реформи, како и единство, вели Блер.
Поранешниот премиер на Велика Британија предупредува дека „напуштањето на еврото и откажувањето од единствената валута, сега по десет години, би претставувало вистинска катастрофа за ЕУ, не само политички, туку и економски“ и таа би била почувствувана од сите во Унијата.
Изјавата на Блер доаѓа во време на зголемен притисок во британската политичка јавност за преиспитување на односите со ЕУ, за отворање процес на преговори со Брисел за враќање на некои од овластувањата што Велика Британија, како и сите други земји – членки ги имаат префрлено на ЕУ. Посебно упорни во овие барања се евроскептиците во редовите на владејачката Конзервативна партија и дел од нејзините пратеници, меѓу кои има и такви кои бараат референдум за повлекување од ЕУ.
Тони Блер како премиер, на почетокот од годините поминати во Даунинг стрит 10, важеше за поборник на еврото и се залагаше за тоа Велика Британија, под одредени услови, да се приклучи на еврозоната, но подоцна и се до крајот на својот десетгодишен мандат тој воопшто не го покрена прашањето за напуштање на британската фунта.