Амнести: Состојбата со човекови права во Македонија – влошена

Од:

Во 2011-та година во Македонија состојбата со почитувањето на човековите права е влошена, констатира Амнести Интернешнл, организацијата за човекови права во својот годишен извештај.

Изградбата на националистички споменици ги засилило меѓуетничките тензии. Владата ја ограничува слободата на медиумите.

Амнести Интернешнл во делот за Македонија наведува дека во 2011. година се заостриле тензиите меѓу различните етнички групи во земјата: „Повод беше изградбата на националистички споменици, кои се однесуваат на етничките Македонци. Во февруари етничките Албанци, меѓу кои и претставници на ДУИ, се обидоа да спречат изградба на музеј во форма на црква на Калето во Скопје. Притоа беа повредени осум лица.

Нотиран е и прекинот на пописот.

Во октомври беше прекинат пописот на населението непосредно по почетокот, поради тоа што не можеше да биде постигната согласност дали етничките Албанци кои живееле надвор од Македонија подолго од една година треба да се бројат или не“, се наведува во извештајот.

Амнести вели дека продолжува лошото постапување на полицијата, а обвинителството не ги истражува ефективно наводите за тоа. Особено се посочува на лошото постапување на полициската единица „Алфа“.

Се уште не е иницирана постапка по жалбата од Калед ел-Масри против Македонија до Европскиот суд за човекови права – случај од 2003-та што се однесува на улогата на Македонија во неговото киднапирање и тортура 23 дена во Скопје.

Слободата на изразувањето на новинари и независни медиумски работници е се повеќе ограничено со владино мешање, што се протега од директно заплашување до контрола на рекламните компании. До октомври 105 случаи на клевета биле отворени против новинари.

„Во јануари властите ги замрзнаа сметките на телевизијата А1, како и со нејзе поврзаните весници Време, Шпиц и Коха е Ре, кои беа критички настроени кон владата. Претходно, во декември 2010. година, уапсени и затворени беа сопственикот на А1 ТВ и 14 други лица, осомничени за измама и затајување данок. Врз процесот што следуваше се вршеше силно политичко влијание, а освен тоа има и забелешки поради должината на притворот“, се вели во извештајот на Амнести.

Наведена е и забелешка за „промените на Законот за радиодифузија кои според Амнести донесоа засилена контрола од страна на владата врз Советот за радиодифузија, кој е надлежен за електронските медиуми“.

 

 

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on