Израел подготвува текст со извинување кон Турција заради инцидентот од мај 2010 година, во кој израелски командоси убија деветмина Турци на палубата на турскиот брод што пловеше кон Газа, соопштува сајтот „Ворлд булетин“.
Според портпаролот на Министерството за надворешни работи на Израел, Игал Палмор, постигната е согласност Израел да објави текст во врска со инцидентот, во кој ќе го има и зборот „извинување“.
„Постигнат е договор. Зборот „извинување“, исто така, ќе фигурира во текстот“, изјави портпаролот.
Ова е прв пат како Израел официјално ја соопштува својата намера да и се извини на Турција за случајот на палубата на бродот „Мави Мармара“, посочуваат турските медиуми.
Според портпаролот, постигнувањето на спогодбате меѓу Израел и Турција досега било оневозможено од инсистирањето на Турција за кревање на блокадата над појасот Газа, како и од тоа што таа не предложила гаранции дека нема да дозволи приватни лица да поведуваат натамошни судски постапки за случајот со „Мави Мармара“ против Израелци, посочи портпаролот.
Сега двете страни се блиску до спогодба, а во текстот што Израел е подготвен да го објави се посочува дека Израел се извинува доколку била нанесена „непланирана штета“ по можните „оперативни грешки“ и дошло до „загуба на живот“.
„Ова е договорената формулација, рече портпаролот пред турски новинари во Ерусалим. „Ако мислите дека Израел ќе каже: да, убивме турски граѓани, тоа нема да се случи и тоа е невозможно“, изјави Палмор, додавајќи дека таквата формулација би имала судски и политички последици.