Неколку инциденти се случиле вчера во Скопје во кои нападнато е едно лице, каменувани се неколку автобуси на ЈСП Скопје, а оштетени се и две други возила.
Како што стои во Билтенот на МВР, синоќа, околу 45 минути по полноќ, во автобус кој сообраќал на линија 57, на автобуската постојка кај маркетот „Чаирче“ се качиле 15 млади лица и почнале да го навредуваат З.А. Тој потоа се симнал на наредната автобуска станица, поточно спроти кино „Бутел“, каде се симнала и групата лица и физички го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци по телото и главата. Откако успеал да избега со неговиот татко со возило, настанот телефонски го пријавил во полициска станица.
Во временскиот период од 23,00 до 23,45 часот, синоќа, на бул. „Крсте Мисирков“, поточно кај „Еуро Тулс“, повеќе непознати лица каменувале автобус на ЈСП, кој сообраќал на линијата 50, при што искршени се неколку прозорци. Освен автобусот, каменувано е и возило „шкода“.
Вчера, околу 19 часот, на крстосницата на бул. „Крсте Мисирков“ со бул. „Гоце Делчев“, кај кривината кај ТЦ-Мавровка, Д.П. додека се движел со своето возило „лада 110“, седум-осум млади лица со шипки почнале да удираат по неговото возило. Напаѓачите потоа се упатиле во правец на „Холидеј Ин“ каде почнале да фрлаат камења врз автобус на ЈСП, кој сообраќал на линијата 50, по што се упатиле кон Судска палата и каменувале друг автобус, исто така во сопственост на ЈСП, при што се искршени неколку стакла, се вели во МВР Билтенот.