Меѓународната „шесторка“ и Иран се договорија следната рунда од преговорите за иранската нуклеарна програма да се одржи на 7 и 8 ноември во Женева, соопшти денеска западен дипломат.
Истиот извор информира дека двете страни се договорија да ги продолжат преговорите за време на средбата што вчера и денеска се одржа во Женева.
Претходно денеска, иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф информира дека Иран и светските сили „за неколку недели“ повторно ќе се сретнат во Женева за да ги продолжат преговорите за иранската нуклеарна програма.
– Продолжението на преговорите ќе се одржи за неколку недели во Женева, напиша Зариф на својот профил на Фејсбук.
Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, вчера ги возобновија преговорите во Женева, на кои Техеран изнесе насоки за надминување на спорот околу неговите нуклеарни амбиции.
Во меѓувреме преговарачите од „шесторката“, со која претседава Европската унија, ќе имаат можност да ги испитаат деталите на иранскиот предлог, рече Зариф.
– Преговорите и постигнувањето резолуција е тешко, а преговарањето околу деталите бара време и многу промислување, додаде Зариф.