Пленарната сесија од преговорите за нуклеарната програма на Иран во Женева заврши денеска со разгледување на техничките прашања, поврзани со „доверливиот предлог“, презентиран од Иран, изјави ирански претставник, јави БТА.
Според истиот извор атмосферата на седницата била „конструктивна и позитивна“, но шесторската и Иран постигнале спогодба да не даваат информации за предлогот, кој беше даден од Техеран преку министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф.
Иран преговара со групата „Пет плус еден“ (САД, Франција, Велика Британија, Русија, Кина и Германија) во Женева на ниво на политички директори или заменици-министри за надворешни работи под претседателство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.
Актуелниот круг од преговорите треба да заврши утре.
– Се уште е рано да се каже дали сме близу до решение за нуклеарната програма на Техеран, изјави иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Аракчи.