Обидот да се постигне договор меѓу претседателот на САД Барак Обама и републиканското мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот пропадна откако претседателот Обама го одби републиканскиот предлог, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Џон Бојнер предложи шестнеделно продолжување на рокот во кој САД ќе можат да позајмуваат пари и да го зголемуваат долгот, но не отстапи од барањето да се одложи здравствената реформа Обамакер, поради чие стапување на сила веќе 13 дена е блокирана федералната Влада.
Иако САД се соочуваат со банкрот на 17 август, денот кога земјата веќе нема да смее да позајмува пари, претседателот Обама вчера го одби предлогот на републиканците за кој се разговараше од четвртокот. Претседателот смета дека неговата Демократска партија победува во политичката борба околу буџетот и долгот, и дека републиканците трпат поголема штета, и на крајот ќе се откажат од своите барања.
– Постои многу голема можност дека ќе дојдеме до 17 октомври без да постигнеме договор. Дефинитивно има голема можност дека ќе го пречекориме крајниот рок – изјави републиканскиот конгресмен Џон Флеминг. Позицијата на републиканците почна да се поткопува во текот на неделава кога група републикански членови на Сенатот, каде демократите се во мнозинство, рекоа дека се отворени за договор кој нема да содржи одложување на реформата Обамакер.
Со одбивањето на предлогот на републиканците од Претставничкиот дом, преговорите сега се водат во Сенатот, меѓу демократскиот спикер Хери Рид и републиканскиот сенатор Мич Мекконел. Но, било кој договор ќе мора да биде прифатен и во Претставничкиот дом, каде републиканското мнозинство е под силен притисок на група конзервативни конгресмени, од движењето Ти партија, кои инсистираат да се запрат Обамакер и натамошното зголемување на долгот.
Првпат демократската страна возвраќа со свои барања за да се запре кризата, а тоа е да се зголемат расходите за следната година и да се намали ефектот на серијата кратења познати како секвестер, кои стапија на сила откако двете партии не успеаа да постигнат договор при преговорите на почетокот на годинава.
– Ако успееме во следните неколку денови да ја скршиме волјата на спикерот Бојнер и на републиканците во Сенатот, тогаш ќе успееме да го изгласаме буџетот и да го зголемиме нивото на долгот без нивни условувања, изјави висок, анонимен претставник на Демократската партија, прашан да ја објасни новата стратегија на демократите, откако тие го отфрлија републиканскиот предлог за кревање на нивото на долг.
Во меѓувреме, некои од затворените владини институции кои беа опфатени од буџетската блокада која почна на 1 октомври, повторно се отвораат. Американските сојузни држави, со свои пари, настапуваат таму каде што сојузната Влада соопшти дека мора да ги повлече финансиите. Некои од најголемите американски симболи, како Големиот Кањон во Аризона и Статуата на Слободата во Њујорк од денеска повторно се отворени за посетителите. Во Вашингтон, пак, продолжуваат секојдневните собири пред затворените споменици на воените ветерани и на поранешните претседатели во ценатарот на градот.
Десетици граѓани вчера ги тргнаа барикадите поставени пред Меморијалниот дом на претседателот Абрахам Линколн, се спротивставија на полициските повици да се разотидат и се собраа на скалите каде се одржани некои од најзначајните говори и собири во историјата на САД.