Некои од 250-те човечки ембриони, кои се пронајдени во шумите на уралската Свердловска област, се на возраст над пет месеци, соопшти денеска локалната полиција, која потврди дека можеби доаѓаат од истражувачка лабораторија.
„Неколку од ембрионите се на возраст над 20 недели“, изјави портпарол на полицијата во Свердловск, повикувајќи се на информација на експерти од руското Министерство за здравство.
Една од верзиите, по која работи полицијата, е дека овие ембриони, обработени со формол, доаѓаат од научна лабораторија, но засега нема конкретен осомничен.
Ембрионите се наоѓале во четири 50-литарски канти за нафта. Откриени биле во неделата вечерта во близина на селото Аник на околу 75 километри северно од обласниот центар Екатеринбург, соопшти полициската управа во регионот.
Полицајците, повикани од локални жители, покрај кантите пронашле и етикети со бројки, можеби бројот на болниците, кои се поврзани со аферата.
Според првичните податоци, најмалку четири болници може да имаат нешто заедничко со скандалозниот инцидент, изјави Валериј Горелих, портпарол на управата.