Со концерт на уметници од Италија, виртуозот на виолина Андреа Кардинале и пијанистот Алесандро Мањаско, вечер во Битола завршува 22-то издание на Фестивалот на класична музика „Интерфест 2013“.
Свеченото затворање и целовечерниот концерт на гостите од Италија ќе се одржат во салата на клавирите во битолскиот Завод и Музеј, а на програмата се дела од Тартини, Бетовен, Сарасате и Гранадас.
Годинава фестивалот беше посветен на 200 годишнината од раѓањето на светски познатите композитори Вагнер и Верди, а во рамките на фестивалската програма беа одбележани и 50 години од формирањето на Музичка младина на Македонија. Основачите на фестивалот на класична музика „Интерфест“, Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски освен организацијата на концертите во Битола, овозможија одржување и на два дисперзирани концерти во Велес и Охрид.
Дваесет и второто издание на фестивалот на класична музика „Интерфест“ ќе се памети по концертите на трио „Сиринкс“ од Романија, пијанистот Џан Ферхат Бујук од Турција, Виктор Кулешов и Еуген Сковородников од Русија, дуото „Браќа Куенка“ од Шпанија, и секако настапот на филхармонијата од Бакау, Романија. Домашната музичка сцена годинава беше претставена од пијанистите Томе Костовски и Зоран Станишиќ-лауреат на 7-от Интерфест интернационален натпревар, како и сопружниците Љубиша и Маја Кировски кои годинава одбележаа 20 годишно заедничко музичко творештво.
Фестивалот на класична музика „Интерфест“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општина Битола.