По повод 90-годишнината од раѓањето на големиот македонски поет Ацо Шопов, Здружението „Везилка 2011“ ја објави култната книга на овој поет „Гледач во пепелта“, чие прво издание излезе во 1970 година.
„Гледач во пепелта“ повеќа пати е оценувана како една од најдобрите книги на Шопов и една од најдобрите повоени стихозбирки во Македонија.
Книгата е преведена на повеќе јазици и секаде предизвика големо внимание и наиде на добар прием.
На корицата е објавен портретот на авторот изработен од Димитар Кондовски.
Приложена е и куса белешка за творечкиот профил и човечкиот лик на Ацо Шопов, чиј автор е Ристо Лазаров.
Со објавувањето на „Гледач во пепелта“, здружението „Везилка 2011“ воведува нова едиција „Врвови“ во која ќе бидат објавувани највисоко вреднуваните стихозбирки на македонски и странски автори.