Тензиите во Вашингтон се пренесуваат на општините – повици за сецесија

Од:

Тензиите што избија во САД околу здравствените реформи Обамакер, долгот и блокираниот буџет се пренесуваат и на локално ниво. Во две сојузни држави, кои се на границата меѓу републиканските и демократските делови на САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Грубо гледано, САД се поделени на сина – демократска територија, која ги опфаќа густо населените крајбрежни делови на истокот (Нова Англија, од Мејн до Мериленд) и западот (Калифорнија, Орегон и државата Вашингтон), и еднакво урбаните градови околу големите езера (пред се Чикаго и Детроит), и црвена, републиканска Америка во која спаѓаат јужните држави, од Аризона до Џорџија и големите, рурални држави во средна Америка и големите рамнини.

Црвената и сината Америка се поларизираа во изминатите десетина години, особено од мандатот на претседателот Џорџ В. Буш, на кој особено остро реагираа демократските приврзаници. Во двата дела, Републиканската и Демократската партија стануваат се посилни и идеолошки почисти, додека умерените политичари се во изумирање. На границата меѓу овие две големи политички средини, повеќе држави се прогласени за „розови“, односно држави во кои може да победи било која од двете партии.

Најзначајните меѓу нив се Колорадо, Охајо, Вирџинија, Флорида. Токму во овие држави се јавува нов тренд, во кој по неколку општини сакаат да се одвојат од матичната држава и да се спојат со соседната држава или да прогласат сопствена држава, која им е поблиска политички.

Овие движења не се сфаќаат сериозно, и не се без преседан во минатото, имајќи предвид дека во 1863 година на овој начин се создала државата Западна Вирџинија, но со кревањето на политичките тензии во Вашингтон добија нов жар.

Еден од предлозите на Републиканската партија, пред воведувањето на реформите Обамакер, беше сојузните држави сами да решат дали сакаат да воведат државно контролирано здравство или приватен систем, со што би се овозможило црвените држави да градат свој модел, а сините свој.

Но, Обама инсистираше реформата, изгласана само со гласовите над демократите во Конгресот во 2010 година, без ниту еден републикански глас, да се донесе на федерално ниво и да важи за сите држави. Оттогаш, во источната сојузна држава Мериленд, која се наоѓа над главниот град Вашингтон, во петте најзападни општини или каунти, се организираат помали собири на кои се бара нивно отцепување од Мериленд.

Нивните повици се движат од формирање на сопствена држава, до спојување со соседната Вирџинија, која е розова држава, за разлика од Мериленд, кој е длабоко сина, демократска држава. Мериленд е доминиран од метрополата Балтимор, каде претседателот Барак Обама и демократите се исклучително популарни, но во петте западни општини граѓаните гласаат главно за републиканците, и не се согласуваат со политиките на демократскиот гувернер Мартин О’Мали, кој ги поддржува мерките од Обамакер и повисоки даноци за граѓаните.

Поделбите меѓу црвените и сините држави, поради кои протестираат западните општини во Мериленд, стануваат толку силни што републиканскиот гувернер на Тексас Рик Пери доаѓа во Мериленд на бизнис турнеи во кои ги повикува компаниите од Мериленд да се преселат во Тексас, каде ќе плаќаат пониски давачки и ќе бидат соочени со помалку регулатива.

– Почнува да ми се гади од оваа држава. Нашите претставници, кои се конзервативни, и кои ќе ги изгласаме во Конгресот на Мериленд, мнозинството или ги игнорира или им вели да молчат. Мојот глас не вреди ништо, вели Рајзиг Олден, еден од водачите на кампањата за Западен Мериленд.

Во подножјето на Карпестите Планини, сојузната држава Колорадо е розева држава, која двапати гласаше за републиканецот Џорџ В. Буш, а потоа двапати за демократот Обама. Во единаесет рурални општини на северот на Колорадо се покрена кампања со цел на изборите во 2014 година да биде поставено и референдумско прашање за отцепување од Колорадо и формирање на Северно Колорадо.

Тука причините се исто така левичарски закони донесени главно со поддршка на урбаните општини, како Денвер, со кои се ограничи правото на носење оружје и се нареди поголемо користење на алтернативни извори на енергија – теми кои се непопуларни во руралните, конзервативни делови на државата.

– Доколку Америка не успее да си ја доведе фискалната ситуација во ред, и доколку не погоди нова Голема Ресеција или нашата елита не одвлечка во нова империјална војна, ќе слушаме уште многу вакви повици, предупредува конзервативниот автор и советник на повеќе републикански претседатели Пет Бјукенен. Според него, овие реакции се израз на незадоволството на републиканските гласачи од демократската власт во Вашингтон.

Би можело да ве интересира

САД нападна подземни складишта со оружје на Хутите во Јемен

САД со ултиматум до Израел: Да се подобри хуманитарната ситуација во Газа

Авионска несреќа во САД, загина пилот, еден патник е повреден

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации