Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска и Ване Михајловски, член на НВО Вила Зора, денеска оствариле средби со директорот на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Билен Саљији и со директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, при што биле информирани за дивата сеча на шуми во Велешко, посебно околу селата Папрадиште и Нежилово.
Како што соопштија од ДОМ, во разговорот во двете институции била искажана силна воља да се спречи дивата сеча и со ревизија на сите аспекти од спроведувањето на Законот за шуми, да се отстранат слабостите кои овозможуваат штети по животната средина. На средбата се разговарало и за потребата за дополнително јакнење на капацитетите на институциите задолжени за заштита и чување на шумите со луѓе и опрема, што ќе биде основа за развој на еко-туризмот.
Во таа насока оди и иницијативата на ДОМ и Вила Зора за прогласување на Јакупица за заштитено подрачје поради својата извонредна природна убавина, стои во соопштението.