Се уште нема договор за надминување на буџетската криза во САД

Од:

Откако со недели одбиваше да преговара за буџетската криза со опозициската Републиканска партија, претседателот на САД Барак Обама синоќа во Белата куќа ги повика на средба водечките републикански конгресмени, предводени од спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Обама првично побара целата пратеничка група на републиканците, од над 200 конгресмени, да дојдат во Белата куќа, но нивното раководство реши да не дозволи можност за разногласија меѓу републиканците и на средбата ги испрати само водечките конгресмени.

По средбата, двете страни не соопштија што е договорено. Едната можност, која ја понудија републиканците, а за која и Обама се изрази позитивно, е да се донесе краткорочен буџет, со важност меѓу четири и шест недели, да се зголеми лимитот на американскиот долг и да се избегне поопасната од двете економски блокади со кои се соочени САД – забраната за нови задолжувања. Во меѓувреме, нема најави за брзо решавање на проблемот со блокирањето на буџетот на централната Влада, кое трае веќе девет дена.

Обама вчера попладне организираше слична средба и со безмалку сите демократски конгресмени, на која биле изнесени критики на сметка на претседателот. Еленор Холмс Нортон, претставничка на главниот град Вашингтон, побарала од претседателот да дозволи Конгресот да ја прифати резолуцијата со која би се овозможило финансирање на основните потреби на главниот град.

Локалните власти низ САД не се многу погодени од блокадата на централната Влада, бидејќи своите потреби ги финансираат од локални давачки, но административната област Колумбија, односно градот Вашингтон, е зависна од буџетот на централната Влада, дури и за потребите за собирање на сметот и плаќање на училиштата, полицијата и противпожарните служби.

Нортон му упаднала во збор на претседателот, одбила да го препушти микрофонот и инсистирала демократите да постигнат договор за финансирање на главниот град.

– Не сакав да се карам со претседателот. Мислам дека граѓаните на Вашингтон очекуваат да разговарам со претседателот, а не само да поставам прашање, изјави Нортон.

Републиканците се согласуваат на одделување средства за финансирање на Владата, но не и на здравствените реформи „Обамакер“. Обама и демократите во Сенатот не се согласуваат со ваквите предлози и бараат да бидат предвидени пари и за „Обамакер“.

Поради ваквите несогласувања блокирани се резолуциите на Конгресот за финансирање на градот Вашингтон, на националните паркови, на Националниот институт за здравство и на програмите на воените ветераните.

Би можело да ве интересира

САД со ултиматум до Израел: Да се подобри хуманитарната ситуација во Газа

Авионска несреќа во САД, загина пилот, еден патник е повреден

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД