Албанската полиција заплени повеќе од илјада верски уметнички дела и уапси две лица кои планирале да ги продадат во странство.
Од цркви и објекти на култура од југоисток на Албанија и Македонија украдени се вкупно 1.077 фрески, икони и други уметнички дела кои датираат од периодот од 15 до средината на 20 век, соопшти албанската поиција.
Украдените предмети се пронајдени во две куќи во Тирана во кои се извршени и апсењата.
Албанските власти не наведуваат вредност на украдените предмети. Портпаролка на Министерството за култура изјави за албански медиуми дека уметничките дела најверојатно биле наменети за продажба во други балкански или западноевропски држави.