Отворена изложбата на оставнината на Десанка Максимовиќ

Од:

Оригинални ракописи, белешки, концепти, први и последни верзии на текстовите, писма, лични предмети и документи, од оставнината на српската авторка Десанка Максимовиќ (1898-1993), кои се чуваат во Народната библиотека на Србија, беа презентирани на отворањето на репрезентативната изложбата насловена „Ви оставам само зборови…“, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Изложбата е по повод 115 години од раѓањето и 20-годишнината од смртта на Максимовиќ, која е меѓу најзначајните поетеси на 20 век. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 25 октомври секој работен ден од 9 до 18 часот, а во сабота од 9 до 14 часот, по што таа ќе биде поставена во Загреб. Се работи за меѓународна патувачка изложба во НУБ „Св. Климент Охридски“ гостува како резултат на потпишаниот протокол за соработка со Народната библиотека на Србија.

Директорот на  НУБ „Св. Климент Охридски“ Миле Бошески во обраќањето пред присутните рече дека изложбата била поставена во Белград, Ваљево, Цетиње, Бања Лука и Будимпешта.

– Во декември минатата година во НУБ ја организиравме изложбата Српската книжевност во превод на македонски јазик и трибината Преводот и преведувањето-состојби и перспективи. На 5 и 6 септември во Народната библиотека на Србија се организираше манифестацијата Денови на македонската култура. Манифестацијата во Белград опфати повеќе активности меѓу кои изложбата Македонската книга преведена на српски јазик, истакна Бошески.

Со овие активности, додаде тој, сакаме да иницираме меѓусебно приближување и запознавање на книжевностите на соседните земји и со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од Југоисточна Европа да се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување, размена и превод на врвни книжевни дела и отворање нови можности за уште поголема комуникација.

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ рече дека да се говори за Десанка Максимовиќ и исто како да се говори за еден од оние литературни творци на кои љубовта уште во раното детство им се сокрила во суштината на зборот и таму останала да живее вечно.

– Во редот безброј награди и признанија на поетесата, значајно место зазема Златниот венец на Струшките вечери на поезијата од 1998 година. Десанка Максимовиќ нема друга биографија, освен книжевната. Оној кој прочитал само една нејзина песна, ја запознал не само нејзината душа, туку и душата на народот од кој потекнува. Нејзината поезија го доби она што како мотив го наметнува времето, смиреност во немирот и тишината на акцентите, посочи Недељковиќ.

Како Министерство за култура, додаде тој, ќе продолжиме да поддржуваме вакви и слични манифестации во кои повторно се навраќаме и ги славиме осведочените балкански големини.

Мирјана Станишиќ, една од авторките, во обраќањето пред присутните рече дека од богата оставнина за која до неодамна со голема почит се грижеле нејзините наследници, за изложбата издвоиле само еден мал дел од материјалите кои сведочат за уметничкото творештво на поетесата, како и за она интимното.

– Изложбата е поделена на неколку целини. Најголемиот дел го сочинуваат оргиналните ракописи на песните кои првпат се изложени пред јавноста, како и разни белешки, концепти и преписи на песните. Од богатата преписка која е сочувана, се издвоени разни покани за свечености и приеми од амбасадори на многу држави, разгледници од патувања, телеграми…Една од целините е посветена на писмата кои Десанка Максимовиќ ги упатувала на руската писателка Ида Радовњина како и на преведувачката Олга Кутасова, рече Станишиќ.

Таа додаде дека интересен сегмент од изложбата се и нејзините лични документи-пасоши, лични карти, службената книшка, членските карти за разни здруженија и институции, а за изложбата во Скопје, посебен акцент дале на нејзиното учество на манифестацијата Струшки вечери на поезијата.

Пригоден осврт кон ликот и делото на Десанка Максимовиќ имаа в.д.амбасадорот на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак Томиќ, како и проф. д-р Науме Радически од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање