Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет општата расправа по ребалансот на Буџетот за 2013 година ќе ја продолжат во текот на утрешниот ден.
Министерот за финансии Зоран Ставревски во излагањето рече дека станува збор за мал ребаланс со кој се опфатени две позиции. Според предлогот, во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се додаваат 1,34 милијарди денари заради повисоките расходи во однос на индексацијата и дополнителни и 430 милиони денари во МОН за опремување лаборатории.
Средствата во овие ставки не се пренаменети, туку проширен е дефицитот на 3,9 проценти, а финансирањето е од Буџетот.
Со ребалансот нема да има кратење на реализацијата на капиталните инвестиции која оди добро и во првите осум месеци е 10 проценти повеќе од минатата година и се очекува до крајот на годината да се оствари предвидената реализација.
Кај другите ставки во Буџетот за 2013 година позначајни промени нема и другите позиции остануваат во рамки на проектираното.
Во попадневниот дел од денешната седница пратениците од опозициската СДСМ рекоа дека нема да гласаат за ребалансот, бидејќи не веруваат оти носењето на буџетот ќе ја подобри состојбата во државата, ќе има економски раст и ќе допринесе за развој на стопанството.д