Европската комисија ќе даде безусловна препорака Албанија да добие статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според информациите од Комисијата, во предлог-извештајот што Еврокомисијата ќе го објави на 16-ти овој месец, Албанија првпат ќе добие јасна и безусловна препорака за зачленување, што потоа треба да ја потврди и Европскиот совет и земјата официјално да стане кандидат за членство.
Откако годинава, според Комисијата, успешно беа спроведени демократски парламентарни избори, при што дојде до промена на власта со доаѓањето на премиерското место на проевропски ориентираниот Еди Рама , Албанија со крупни чекори се врати на евроинтегративнито пат, што сега Брисел ќе го награди со кандидатски статус.
Сепак, прашање е дали оваа препорака на Еврокомисијата ќе ја прифати Советот, со оглед на тоа што некои земји-членки на ЕУ се против Албанија годинава да стане кандидат, додека на дело не се видат потезите на новата власт.