Премиерот Никола Груевски вечерва ја посети „Националната арена Филип Втори“ за да ја види завршната фаза од реконструкцијата на атлетската патека. Обиколката ја направи на пауза од седницата на Владата, каде што досега се поминатии 50-ина точки, а ќе продолжи и ноќеска со уште 60-ина точки кои се на дневниот ред.
Од 20 часот утревечер во арената „Филип Втори“ ќе се одигра квалификацискиот натпревар од 2. коло во Лигата на шампионите меѓу Вардар и БАТЕ Борисов од Белорусија. Тоа ќе биде прв натпревар на новопоставениот терен кој ги задоволува сите услови за натпревари од највисок ранг.
Со него е комплетиран целиот внатрешен дел од арената, откако пред речиси три години беше промовирана новоизградената северна трибина, по повод „100 години фудбал во Македонија“ и пријателскиот натпревар со Шпанија.
Потоа беа доизградени западната и источната трибина, а јужната беше целосно реновирана. Премиерот Груевски тогаш изјави дека наспроти сомнежите, Македонија доби меѓу најубавите стадиони во регионот.
„Опозицијата велеше дека северната трибина ќе се сруши, еве гледаме дека не се сруши, туку и источната и западната се направија и сега е еден од најубавите во регионот“, изјави Груевски кога беа завршени трибините на најголемиот стадион во земјава.
Тој доби сосема нов изглед и поголем капацитет на гледачи и сега собира околу 33.500.