Белата куќа побара барем краткорочен договор за долгот

Од:

Белата куќа најави дека е подготвена да разговара за краткорочно зголемување на нивото на долг, со што би се одбегнал банкротот кој им се заканува на САД до крајот на октомври.

Џин Сперлинг, економски советник на претседателот Барак Обама, утринава изјави дека Белата куќа би прифатила и договор со кој нивото на долг ќе се зголеми со цел двете политички партии во САД да добијат барем две или три недели повеќе за да постигнат договор.

– Секако дека, колку што поголемо ќе биде нивото на долг, толку поголема економска сигурност ќе добиеме, а тоа ќе биде добро за работните места, растот и инвестициите. Но, одговорност на Конгресот е да определи колкаво ќе биде нивото на долг и да реши колку пати сака да гласа за тоа прашање, изјави Сперлинг, на прашањето дали Обама би бил подготвен да прифати и краток договор за кревање на нивото на долг.

Белата куќа досега одбиваше да преговара за кревање на горната граница на долгот на САД, која е поставена на 16,7 трилиони долари, сума која САД ќе ја пробијат на 17 октомври.

Републиканците во Претставничкиот дом на Конгресот велат дека нема да дозволат ова ниво да се крене без договор со кој сериозно ќе почне намалување на долгот, кратење на расходите и подобрување на економската состојба. Обама и Демократската партија, кои имаат мнозинство во Сенатот, сметаат дека задолжувањето треба да продолжи и без договор со републиканците.

Расправата за долгот се одвива паралелно со расправата околу здравствената реформа Обамакер и финансиската блокада на централната Влада на САД, која се одразува врз голем број државни инстутиции.

Вчера привремено беше блокирана интернет страницата за полициските тревоги Амбер, кои се испраќаат до медиумите, интернет страниците и корисниците на мобилни телефони во случаи кога некој ќе пријави киднапирање на дете. Овие тревоги, при кои полицијата масовно го опишува грабнатото дете и возилото со кое било однесено, имаат помогнато во пронаоѓање на стотици деца низ годините.

Но, вчера вечер страницата се отвори со порака дека, поради недостигот на средства, морала да биде затворена. Но, проверка на интернет страницата покажа дека сите нејзини податоци се уште се ажурираат, и дека системот за тревога работи нормално, но администраторот на интернет страницата единствено ја пренасочил кон порака дека страницата е затворена.

По силните критики во јавноста, страницата денес беше повторно отворена. Во Јужна Дакота, пак, полицијата од Репид Сити поставила пречки на патот што води кон планината Рашмор, еден од најпознатите споменици во САД каде на страна на планината се издлабени ликовите на претседателите Вашингтон, Џеферсон, Линколн и Теодор Рузвелт.

Пречките биле поставени да ги спречат туристите да застанат на некое од паркиралиштата покрај патот од каде може да се погледне легендарниот споменик.

– Споменикот е затворен и тоа значи дека не ни дозволуваат ниту да застанеме и да го фотографираме. Може само да се помине покрај него со автомобил, изјави Хилда Вернет, која дошла да ја посети планината Рашмор.

Пречките биле поставени на 1. октомври, но набргу биле покриени од силен снег. Се очекува да се види дали по снеговите полицијата повторно ќе се обиде да ги огради паркинзите покрај патот.

Би можело да ве интересира

Студентот обвинет за палење автомобили на „Тесла“ се соочува со голема затвор

Горан Наумовски

РИА: Статистиката покажува дека САД се три пати повеќе зависни од увоз од Кина отколку обратно

Кина се противи на какви било договори меѓу САД и други земји на нејзина штета

Нов удар од Кина врз САД, стопиран извозот на ретки метали

Предраг Петровиќ

Започнуваат најважните мировни преговори меѓу Европа и САД

Блумберг: САД ги намалуваат проценките за долгот на Украина за 200 милијарди долари