Американците Џејмс Ротман и Ренди Шекман и Германецот Томас Зидоф ја добија годинешната Нобелова награда за медицина или физиологија, за истражувањата поврзани со тоа како клетките го организираат својот преносен систем, соопшти денеска Институтот „Каролинска“ во Стокхолм.
– Преку своите истражувања Ротман, Шекман и Зидоф открија извонредно прецизен систем за контрола на преносот и испораката на клеточниот материјал, се наведува во образложението.
Нобеловиот комитет соопшти дека истражувањето на тројцата научници овозможило да се дознае „како пореметувањата при преносот на клеточниот материјал придонесуваат за развој на невролошките болести, дијабетисот и болестите на имунолошкиот систем“.
Паричната награда, која ќе ја поделат тројцата научници, изнесува 1,2 милиона долари. Наградата за медицина е прва во низата Нобелови награди кои ќе бидат доделени неделава. Во следните денови ќе бидат соопштени имињата на добитниците на Нобеловите награди за физика, за хемија, за економија, за литература и за мир.