Кумановските стечајни работници денес се собраа пред Управата за јавни приходи во Куманово, со цел да добијат пролонгирање на рокот за плаќање радиодифузна такса.
Претседателката на УНИТ, Лилјана Ѓоргиевска нагласи дека сакаат да се сретнат со надлежните од управата, поради опомените и извршните решенија со кои што се соочуваат.
-Исто како и минатата година и оваа сме принудени на ваков чекор, за да укажеме дека стечајните работници немаат никакви примања. Не бараме да не ослободат од плаќањето, туку само да го пролонгираат рокот, додека не најдеме решение. Принудени сме да го браниме она што го имаме стекнато, што значи доколку извршител дојде во мојот дом, сите стечајни работници ќе бидат таму-изјави таа.
Ѓоргиевска нагласи дека надлежните од управата минатата година ги насочиле да испратата барање од МТВ, но од таму се уште немаат одговор. Од УЈП Куманово денес им соопштија дека утре во 10 часот, ќе примат претставници на стечајните работници и ќе разговараат за проблемот со плаќање на радиодифузната такса.
Претседателката на УНИТ се осврна и на вчерашното јавно вработување во Македонски шуми и нагласи дека според неа станува збор за партиско вработување.
-Верувале или не, на ниво на Република Макеоднија според мои сознанија нема вработен ниту еден стечаен работник. Од нашето здружение аплицираа 56 лица. Не се сомневаме, туку верувам дека сето ова е партиско вработување и уште една лага на владата на Република Македонија, замајување на стечајните работници, како пакет мерките за самовработување и ова е само игра-нагласи Ѓоргиевска.
Од здружението најавија дека кон крајот на неделава својот револт, поради нерешавање на статусот, ќе го изразат пред владата. Стечајците соопштија дека чекаат уште дозвола за да постават шатори пред владата, бидејќи не гледаат друг начин за решавање на нивните проблеми.
Елена Георгиевска