Австрискиот претседател Хајнц Фишер нагласи дека очекува новата влада на Австрија да биде формирана до почетокот на декември, најавувајќи дека оваа недела ќе му го додели мандатот за состав на владиниот кабинет на лидерот на
Социјалдемократската партија (СПО) Вернер Фајман, чија партија победи на парламентарните избори.
Фишер, кој разговараше со лидерите на сите парламентарни партии, изрази надеж дека коалициските разговори би можеле да завршат релативно брзо, очекувајќи тоа да се случи до почетокот на декември. Тој, исто така, очекува повторно да дојде до формирање на коалициска влада меѓу СПО и Народната партија.
Инаку, Фишер овојпат воведува и една новина. имено, тој најави дека сака да разговара со сите кандидати за министри. Досега не било вообичаено шефот на државата да разговара со идните министри пред полагањето заклетва.
Фишер нагласи дека разговорите со нив даваат поголема сигурност дека ќе се донесе вистинската одлука.