Иранскиот врховен верски лидер, ајатолах Али Хамнеи ги поддржа разговорите, кои пред крајот на минатиот месец ги водеше во ОН претседателот Хасан Рохани.
– Ние ја поддржуваме дипломатската иницијатива на Владата и им придаваме значење на нејзините активности во текот на ова патување, напиша Хамнеи на својата интернет страница.
Врховниот верски лидер, меѓутоа, приговара што во текот на патувањето се случиле работи кои „не се најсоодветни и сосема на место“, притоа не давајќи објаснување на кои работи мисли.
Претседателот Рохани за време на својот престој во Њујорк телефонски разговараше со американскиот претседател Барак Обама, во обид да се намали тензијата околу иранската нуклеарна програма. Тоа беше прв контакт меѓу лидерите на двете земји по 1979 година.
За телефонскиот разговор, кој се случи на барање на американската страна, Рохани претходно беше критикуван од раководството на влијателната иранска Републиканска гарда.
На својата интернет страница, ајатолах Хамнеи истакна дека Иран песимистички гледа кон Америка.
– Ние не им веруваме, напиша ајатолахот, кој оваа година се соочува со избори.
При враќањето од Њујорк, Рохани на аеродромот во Техеран беше пречекан со голем транспарент „Смрт на Америка“.