Турската Влада до Парламентот во Анкара достави предлог-резолуција за проодлжување на важноста на одлуката за вооружени акции на турските војници во Ирак, во рамки на борбата против Курдската работничка партија (ПКК), која беше усвоена минатата година.
Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) истакна дека резолуцијата е потребна поради заканите, кои произлегуваат од присуството на ПКК од другата страна на границата. Пратениците за предлог-резолуцијата треба да се изјаснат на 10 октомври.
Во текстот се нагласува дека продолжува „отворената закана против мирот и безбедноста на турскиот народ и националното единство, безбедноста и територијалниот интегритет на земјата“, која произлегува од терористичките елементи од ПКК стационирани во северен Ирак.
Доколку биде усвоена, резолуцијата ќе стапи во сила на 17 октомври.