Израел сака да постигне траен договор со Палестинците во рамки на мировните преговори што се водат со посредство на САД, изјави денеска главниот израелски преговарач Ципи Ливни.
Ливни ги отфрли тврдењата од страна на тврдокорните струи на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека таа била за времен договор со палестинските власти за формирање палестинска држава со привремени граници, јави ДПА.
– Мојата цел е постигнување договор со кој ќе се стави крај на конфликтот и ќе има подобар живот за двете страни. Никогаш не бил употребен терминот „привремен договор“, истакна Ливни.
Десничарски ориентираните членови на партијата на Нетанјаху се изјаснија против разговорите.
Израел и палестинската управа ги започнаа преговорите во јули, кои беа први по прекинот од септември 2010 година, со цел да се постигне договор во рок од девет месеци.
Меѓу најгорливите прашања во текот на разговорите се статусот на Ерусалим, иднината на палестинските бегалци и конечните граници на идната палестинска држава.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го услови продолжувањето на преговорите со мораториум на изградбата на еврејските населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, територии кои Палестинците ги сакаат како дел од нивната идна држава.