„Читај книга и подари здравје“ в сабота во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Од:

„Читај книга и подари здравје“ е насловена хуманитарната акција на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје за опремување библиотека-игротека на Клиниката за детски болести.

Настанот ќе се одржи во библиотеката на 5 октомври од 11 до 16 часот. Во улога на библиотекари ќе бидат јавни личности од културата, спортот, политиката. Тие ќе ги зачленуваат сите хумани луѓе кои ќе сакаат да донираат за Клиниката, зашто приходот од членствата ќе биде за акцијата.

За возрасни членарината е 250 денари, а за деца до 14 години е 100 денари. Тие што веќе членуваат ќе може да платат членарина која библиотеката ќе ја намени за деца од социјално загрозени семејства или за деца без родители.

Идејата е на вработените од библиотеката, кои се задоволни од одѕивот за соработка од  многу јавни личности и од  институции и амбасади.  Покровители на настанот се сопругата на претседателот, Маја Иванова, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и на општина Чаир Изет Меџити.

– Во библиотеките живее љубовта кон книгите и духот на креативноста. Во здравствените институции живее грижата за здравјето.  Во рамки на Белата ноќ, но во текот на цел бел ден, ќе организираме необичен ден со хуманитарна цел. На читателите и поклониците на книгата ќе им приредиме уште еден мотив што повеќе да дојдат кај нас, да ја афирмираме и прошириме љубовта кон книгата и да ја споиме со грижата за здравјето, рече на прес-конференција Бранко Цветкоски, директор на библиотеката „Браќа Миладиновци“.

Мими Кимовска од Клиниката за детски болести рече дека е во тек голема и комплетна реконструкција на одделите во седумкатната Клиника.

– Тоа е долг и макотрпен процес, но ние полека и сигурно веќе го сработуваме, рече Кимовска која се заблагодари за акцијата во име на  колективот на Клиниката и од малите пациенти кои се таму хоспитализирани.

Музичарите Весна Ѓиновска-Илкова, Виолета Томовска, Драган Мијалковски, Зоран Џорлев, Пепи Ренџов, Викторија Лоба, Есма Реџепова, Блага Петреска, Тамара Тодевска, Биба Додева, групите Пеперминт, Некст тајм, Нокаут, Суперхикс, писателите Михаил Ренџов, Горјан Петрески, Винка Саздова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, спортистите Дејан Манасков, Наумче Мојсовски, Атанас Николовски, актерите Сашко Коцев, Зоран Љутков, Маја Љутков, Весна Петрушевска и други јавни личности ќе ја имаат улогата на библиотекари на отворениот ден.

Ученици од гимназијата НОВА ќе бидат домаќини на настанот, ќе ги пречекуваат посетителите и ќе ги водат до пултовите каде што тие може да се зачленат.

За помош на Клиниката за детски болести, библиотеката е отворена постојано, а не само на отворениот ден во сабота и заинтересираните може да донираат преку целата година.

Настанот задутре ќе биде збогатен со креативна работилница „Мали креативци“, со деца од предучилишна возраст, кои ќе цртаат на тема „Лекарите – бели ангели, пријатели на децата“.  Цртежите од работилницата ќе создадат сликовница која ќе биде отпечатена и дистрибуирана во игротеката – библиотека на Клиниката. Со поддршка на УСАИД, пак, ќе има и литерартурно катче „Со читање до лидерство“, каде што македонски писатели ќе читаат извадоци од книги за деца.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска