Парите кои имигрантите ги заработуваат во странство и ги испраќаат на своите семејства во татковината се од поголема корист за земјите во развој отколку странската помош што ја добиват. Се очекува така наречените „имигрантски пари“ годинава да пораснат за 6,3 проценти, се наведува во извештајот на Светска банка (СБ).
До крајот на годината имигрантите дома ќе испратат 414 милијарди долари. Во 2016 година сумата ќе се искачи над 500 милијарди долари. Земјите во развој странска помош добиват во висина од 126 милијарди долари.
СБ истакнува дека најмногу пари од имигрантите добива Индија (71 милијарда долари), потоа Кина (60 милијарди), Филипини (26), Мексико (22 милијарди), Нигерија (21 милијарди) и Египет (20 милијарди).
За некои земји парите од имигрантите имаат големо значење. Така на пример имигрантските пари се половина од бруто домашниот производ во Таџикистан, 31 проценти од БДП на Киргистан, 25 отсто од БДП на Непал и на Лесото и 24 проценти од БДП на Молдавија.