Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска уште еднаш апелираше до организаторите на утрешниот митинг по секоја цена да избегнат сценарио за конфликт и изјави дека е особено загрижен за она што можевме да го видиме синоќа во медиумите, што го оцени како покана и подготовка за терористички акт.
Вучевиќ на прес-конференција во Владата на Србија потсети дека утрешниот протест не е регистриран и рече дека без оглед на тоа што тие што го најавуваат имаат организациски потенцијал, имаат и одговорност.
„Мојата желба како премиер е уште еднаш да апелирам до сите учесници, до организаторите, до оние кои суштински го организираа собирот, а не го регистрираа, по секоја цена да избегнат сценарио за конфликт, напади врз институции, уништување имот, напади врз други луѓе. Тоа е обврска и одговорност на сите учесници“, рече Вучевиќ.