Проектот за големи капитални инвестиции во општините со средства од унгарскиот заем беше потребен за да се подобрат условите за живот на граѓаните. Со завршувањето на вториот повик ќе имаме огромен број на реализирани проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Не може во 21. век да зборуваме за вештачка интелигенција, за голема зелена транзиција, за напредна технологија и за што уште не, а дома да имаме примери каде луѓето газат кал, се дават во фекалии, поплавени се дома при првиот дожд и немаат вода за пиење. Тоа е малку лицемерно, потенцира Мицкоски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Вториот повик, како што кажа, е во тек, а првиот е завршен. Заклучно со вчерашниот ден за вториот повик 34 општини поднеле 197 предлог проекти за финансирање.
– Средствата од првиот повик за првите проекти вредни речиси шест милијарди денари се веќе пренесени на општините по различни програми. Дел од општините ги завршија тендерските постапки и почнуваат со реализација на тие проекти. На неколку јас лично бев присутен и ќе одам секаде каде што ќе ме поканат и каде што сум добредојден. Сосе 15-те милијарди денари од вториот повик кои се обезбедени од различни потпрограми од буџетот на различни министерства се доаѓа до вкупна бројка од 21 милијарда денари само од овој проект, рече Мицкоски.
За општините, како што посочи, достапни се и дополнителни програми кои ги имаат министерствата, како што е откочениот проект од три милијарди денари од Министерството за животна средина и просторно планирање од кредитот од ЕИБ кој стоеше со години закочен зашто претходниот министер одлучил така за да не им дава средства на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Закочени средства од Светска банка за општините, додаде, имаше и во Министерството за транспорт.
Прецизира дека за вториот повик имало дискусија во Владата дали да биде како првиот повик или да се остави поширок простор за општините да аплицираат со повеќе проекти и да не биде ограничен на тесен временски период, туку да биде неколку месеци.
-Така и постапивме. Како Влада донесовме одлука без разлика од која партија се градоначалниците имаат рок до 30 април да поднесат проект кој нема да има дозвола за градба, туку ќе ги исполнува законските услови да може да се тендерира. Тоа значи дека на општините им се остава уште некој период за да стигнат до дозвола за градба што мислам дека е голем чекор, прецизира Мицкоски.
Потврди дека во досега поднесените 197 проекти од вториот повик од вкупно 34 општини има и општини чии градоначалници се од опозицијата.
-Тоа не е никаков проблем и доколку тие ги исполнуваат условите согласно пропишаните критериуми проектите ќе им бидат финансирани од страна на Владата и ќе бидат реализирани. Има дузина такви проекти што се поднесени од општините каде градоначалниците се од редот на опозицијата. Не ние важна етничката припадност, не ни е важна политичката припадност, секаде на целата територија на унитарна држава ние ќе инвестираме и тука никој не треба да има никаква дилема, потенцира Мицкоски.