Јавниот обвинител Љупчо Коцевски досега имаше можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата. Чесно и доблесно би било од негова страна сам да се повлече, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарски прашања, по вчерашната владина одлука за поведување постапка за разрешување на државниот обвинител Коцевски.
– Не би го коментирал него повеќе. Јасно кажа Владата, тој имаше доволно можност да се размавне, да покаже бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, но очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина, така што мислам дека имаше доволно време да покаже, за жал таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес. Денеска бев во Парламентот. Тој процес започна во Парламентот, во Парламентот и ќе заврши, така што мислам дека чесно и доблесно би било од него самиот да се повлече, да го скратиме овој период да можеме да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија, рече Мицкоски по посетата на Кавадарци.
Владата вчера донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Одлуката, вчера на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата Марија Митева, појаснувајќи ги аргументите и причините поради кои била донесена ваквата одлука.
– Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес од Транспаренси интернешнл Македонија и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста – шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство, нагласи Митева.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во писмена изјава дадена по одлуката на Владата да покрене постапка за негово разрешување вчера кажа дека секогаш работел согласно закон.
– Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски. Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, посочи Коцевски.