Почнува фестивалот на класична музика „Интерфест“

Од:

Со концерт на филхармонијата „Михаил Јора“ од романскиот град Бакау, вечер во Битола ќе почне 22. фестивал на класична музика „Интерфест“ кој годинава е посветен на врвните композитори Рихард Вагнер и Џузепе Верди.

– Музичкиот свет ја слави 200 годишнината од раѓањето на Вагнер и Верди чии бесмртни дела останаа блескав и неисцрпен трезор за идните генерации. Фестивалот им е посветен токму ним, бидејќи тие се дел од феноменот во науката, културата и музиката, а нивната големина трајно ги одбележа овие два века, вели уметничкиот директор на „Интерфест“ Милица Шперовиќ Рибарски.

Филхармонијата „Михаил Јора“ која е на светската музичка сцена од 1956 година, ќе настапи со 75 музичари под диригентство на Валентин Дони од Молдавија, а делата на Вагнер и Верди ќе ги изведат сопранот Георгета Григоре и тенорот Разван Сарару.

До 12 октомври на неколку локации во Битола целовечерни концерти ќе одржат триото „Сиринкс“ од Романија, Луиџи Санто и Даниела Џентиле од Италија, пијанистот Еуген Сквородников од Русија, дуото „Браќа Куенка“ од Шпанија, како и музичарите од Македонија Томе Костовски-пијано, Зоран Станишиќ-пијано и сопружниците Љубиша и Маја Кировски кои оваа година одбележуваат две децении заедничко негување на класичната музика.

– Годинава на „Интерфест“ ќе има и два дисперзирани концерта, во Велес и Охрид, како и два мастеркласа со Еуген Сквородников, пијанист од Русија, и Андреа Кардинале виолинист од Италија. На овие бесплатни предавања ќе учествуваат ученици и студенти од Битола, Скопје и Штип, најави Шперовиќ-Рибарски.

„Интерфест“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општина Битола.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска