Собраниската расправа за законот за прекршоци продолжува утре

Од:

Собранието на Република Македонија утре ќе ја продолжи расправата по Предлог законот за прекршоци.

Со законот, чие прво читање почна попладнево, се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи.

Една од новините е воведување второстпеност во однос на прекршочната постапка. Се пропишуваат и пократки рокови за постапување на судовите и прекршочните органи од што се очекува побрзо решавање на предметите и неможност за одолговлекување на постапките.

Како што истакна заменик министерот за правда Билјана Бришковска Бошкоски која го образложи предложениот текст, со донесувањето на законот ќе се зголеми ефикасноста во постапувањето на прекршочните органи.

– Новина во условите за изрекување на прекршочните санкции е и можноста за изрекување забрана за вршење професија, дејност или должност како самостојна санкција, за разлика од постојното решение каде оваа санкција може да биде изречена како дополнителна со санкцијата глоба. Се предвидува и можност за изрекување глоба во процентуален износ, од 1 до 10 отсто од вкупниот приход во претходната финансиска година, рече Бришковска Бошкоски.

Глобата за физичко лице е од 15 до 2.000 евра, а за одговорно лице во правно лице од 50 до 3.000 евра. Глобата на самото место (со издаден мандатен платен налог) не може да биде повисока од 500 евра, а за одговорно лице во правно лице, службено лице или трговец поединец не може да биде поголема од 1.500 евра.
Глобата за правни лица е од 200 до 10.000 евра. Со законот со кој се пропишува прекршокот за изрекување глоба на самото место (со мандатен платен налог) може да се пропише износ до 3.000 евра.

За прекршоци на правни лица може да се изречат глоба и привремена забрана за вршење одделна дејност.

Предвидени се рокови за постапување на прекршочните комисии зависно од висината на глобата. Доколку за сторен прекршок е пропишана глоба до 15.000 евра, комисијата треба да одлучи во рок од 2 месеца, а ако е пропишана глоба над 15.000 евра комисиите треба да одлучат во рок од 3 месеци.

Опозицијата го осуди предложеното решение, квалификувајќи го како катастрофално зашто, пред се, како што беше речено во расправата, предвидува огромни глоби за граѓаните и фирмите, како и постапка без суд.

– Не смееме да дозволиме граѓаните и компаниите да бидат рекетирани, да им се изрекуваат енормно високи парични казни. Страшно е кога управен орган изрекува казна со која се затвора дуќанот или фирмата 30 дена, истакна Ана Павловска Данева од СДСМ и ги повика пратениците да не го поддржат законот.

Текстот, додаде, ја комплицира постапката за одбрана на граѓаните на кои им е изречена глобата, а новини, освен паричните казни, не нуди, туку е пресликан речиси 80 отсто од постојниот закон.

Нејзиниот сопартиец Горан Сугаревски кој иста така изнесе низа критики по законот, констататираше дека е сосема нелогично прекршочните казни да бидат 10 пати поголеми од кривичното дело.

Би можело да ве интересира

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Змија предизвика хаос во Собранието на БиХ: Поради „небезбедни услови“, седницата беше откажана, наредена е истрага