На владина седница која сеуште трае беше донесена одлука со која, како и што ветивме, се ставаат на располагање на стопанството сума од 250 милиони евра за инвестиции и развој на домашните компании. Ова историски досега најголема сума којашто директно се става на располагање на стопанството и преставува прва одлука со ваков износ кој до сега државата го обезбедува за стопанството, домашните компании и фирми и истите тие можат да ги користат овие пари преку давање би рекол за денешните пазарни услови, супер ниска каматна стапка, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Притоа тој нагласи:
„Овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која овие пари ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва и одобри на Развојната банка, бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра. Развојната банка ќе ги стави на располагање на банките учеснички преку Рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар.
Максималниот рок е оној којшто го зборувавме, до 15 години со вклучен грејс период до 3 години за банките учеснички. Краен датум е 15 години од датумот на потпишување на договорот за задолжување. Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајни корисници при што средствата може да се користат за: Инвестиции во основни средства. Крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20% од вредноста на инвестицијата. Каматна стапка на годишно ниво си останува 1,95% она што веќе и е познато на македонската јавност, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата.
Сакам да изразам благодарност до банките кои изразија интерес да учествуваат во распределбата на овие пари за стопанството, а Министерството за финансии преку Развојната банка ќе го менаџира овој процес. Очекувам значајно влијание за стопанството од овие средства и пари кои доаѓаат во време на криза, предизвици и отежнати глобални услови за домашните компании. Овие 250 милиони евра ќе ги зајакнат компаниите, а крајниот бенефит ќе го имаат граѓаните преку засилен стандард и подобра куповна моќ. Ова ќе обезбеди нови вработувања и сигурна работа за многу компании и неколку илјади нови работни места очекуваме. Вака се грижиме за домашната економија, и на овој начин ја помагаме и домашната економија и иницијатива, затоа што државата мора да служи на граѓаните и Македонија мора да биде повторно ваша“.