Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со гувернерката Ангеловска-Бежоска: Се очекува ценовна и финасиска стабилност

Од:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која ја информираше за економските состојби и очекувања, согласно макроекономските проекции на Народната банка.

На средбата беше констатирано дека ценовната и финансиската стабилност се темелите на здравата економија, во која инвестициите и бизнисите можат да напредуваат и дека без нив економијата е чувствителна на шокови коишто го нарушуваат растот и ја намалуваат довербата на јавноста во финансиските системи. Во таа насока, беше истакнато дека преку политиките и мерките на Народната банка за задржување на ценовната и финансиската стабилност, се обезбедува одржлив економски раст.

Имајќи ја предвид клучната улога на Народната банка во заштитата на овие фундаменти, како суштински за создавање на стабилна и предвидлива средина за бизнисите, инвеститорите и домаќинствата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази поддршка на нејзината посветеност за одржување на здрави монетарни и финансиски политики, отпорна економија и просперитетна иднина.

На средбата, гувернерката посочи дека просечната инфлација во 2024 година беше 3,5%, што е во согласност со проекциите на Народната банка, а се очекува намалување на околу 2,5% во 2025 година и враќање на историскиот просек од 2% на среден рок. Во однос на економскиот раст, се предвидува умерено забрзување, односно закрепнување на економската активност. Економијата ќе биде поддржана со кредитна активност, натамошно проширување на депозитната база и со стабилен банкарски систем. Сепак, поради постојните ризици од особена важност е да се водат внимателни макроекономски политики. Во таа насока, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка ќе продолжи со спроведување на добро осмислени политики, коишто ќе обезбедат долгорочна макроекономска стабилност и ќе гарантираат одржлив економски раст.

Соговорничките разменија мислења и за можните влијанија на глобалните економски случувања и геополитиката врз македонската економија, причините за чувствителноста на надворешни шокови, факторите што влијаат врз зголемување на странските директни инвестиции, како и за неопходните мерки за фискална консолидација.

Во разговорот беше изразено очекување дека Планот за раст за Западен Балкан на Европската Унија ќе има позитивно влијание врз економијата и спроведувањето на Реформската агенда на државата.

На крајот, гувернерката ја запозна претседателката Сиљановска-Давкова со нивните напори и заложби за што е можно побрзо вклучување на државата во Европската област за плаќања во евра (СЕПА) со цел зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и интегрирање во заедничкиот европски пазар.

Би можело да ве интересира

Работна средба на претседателката Сиљановска-Давкова со актуелни и поранешни членови на Комисијата за помилување

А1он

Сиљановска Давкова повикува на традиционални посети на Треблинка во чест на македонските Евреи

ЕК формира Управувачки Комитет за СЕПА

А1он

Конститутивна седница на Комисијата за одликувања и признанија

Ангеловска-Бежоска: Монетарната политика со значителен придонес за забавувањето на инфлацијата

Двојазичните лиценци се противуставни и шверцерски усвоени – го поздравуваме потегот на Сиљановска